Дома / Соопштенија / Протокол за постапување на основните училишта во Република Северна Македонија за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година

Протокол за постапување на основните училишта во Република Северна Македонија за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година

  • Наставниот процес во училиштето се одвива во период од 07:00 часот до 20:00 часот.
  • Училиштето за влез и излез на учениците ги става во функција сите влезови на училишната зграда и изготвува распоред за влез/излез со различно време на влегување и излегување на учениците за секое одделение и го истакнува на видни места во училиштето.
  • Протокот на ученици и вработени во и надвор од училиштето се одвива по строго контролиран ред, со поставување на ознаки со кои се означува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание од 1,5 метар при чекање ред на учениците пред и внатре во училиштето.
  • За контролиран влез и излез во/од училиштето, пред и внатре во училиштето, се организира редарска служба, со цел спроведување на редот и одржување на потребното растојание меѓу учениците од минимум 1,5 метар и тоа 2 редари пред влезот на училиштето и 2 редари во училиштето. Редарите се ангажираат од редот на вработените во училиштето, за што одлучува директорот на основното училиште.
  • На влезот од училиштето, во ходниците и училниците се поставуваат едукативно-информативни материјали, насоки за заштита на здравјето и безбедност во училиштето и средства за дезинфекција на раце.
  • Родителите/старателите ги испраќаат учениците до назначениот влез на училиштето и се забранува нивно влегување во училиштето, освен за родителите/старателите/образовните асистенти на учениците со посебни образовни потреби со задолжително носење на маска/прекривка на лицето.
  • На секој влез од училиштето учениците ги пречекува дежурен наставник, кој се грижи ученикот да ги дезинфицира обувките и рацете, односно му помага на ученикот да ги дезинфицира рацете со дезинфекционо средство.
  • На учениците кои доаѓаат со организиран превоз, им се мери телесната температура пред влегување во автобусот и се врши дезинфекција на рацете и обувките. Учениците кои имаат зголемена температура (над 37.4°) се враќаат дома со препораки родителот да превземе соооветни здравствени мерки.
  • Вработените во училиштето и учениците при влегување во училиште, за време на престојот во училиште и за време на наставата задолжително ја почитуваат мерката за физичка дистанца од најмалку 1,5 метар и носат заштитна маска/покривка на лице, освен кога се на отворено во училишниот двор со одржување на препорачаната дистанца.
  • Вработените при влезот во училиште задолжително ги дезинфицираат обувките и рацете.
  • На сите вработени им се мери телесна температура пред влезот на училиштето со безконтактен топломер и во случај на зголемена температура (над 37.4°) вработениот се упатува кај матичен лекар.
  • На учениците пред влезот на училиштето, им се мери телесна температура со безконтактен топломер. Во случај на покачена телесна температура (над 37.4°) не се дозволува влез на ученикот во училиште и родителот се упатува на консултација кај матичниот лекар на ученикот. Децата со знаци на други заразни болести исто така не смеат да доаѓаат на училиште.
  • Наставата во училница се изведува со најмногу до 20 ученици во училница и обезбедено физичко растојание од 1,5 метри помеѓу учениците и наставникот и учениците.
  • Доколку наставата се реализира на отворено во училишниот двор, се препорачува да не се носат маски/прекривки на лицето, но да се почитува задолжително препорачаната физичка дистанца помеѓу ученик-ученик и наставник-ученик од најмалку 1,5 метри.
  • Наставниците треба да избегнуваат подолго да се задржуваат во наставничката канцеларија и задолжително запазуваат физичка дистанца од 1.5 метри.
  • Учениците од една паралелка престојуваат во една просторија и се забранува кабинетска настава, заради грижа за здравјето на учениците.
  • Секогаш кога е можно и дозволуваат временските услови, наставата се реализира надвор од училница во училишниот двор, на отворено.
  • Првиот ден од наставата започнува со упатства за учениците за тоа како правилно и безбедно да се однесуваат, да одржуваат физичко растојание, хигиена на рацете и заштита на сопственото здравје, но и здравјето на останатите ученици и вработените во училиштето.
  • Се забрануваат поздравувања со физички контакт за вработените во училиштето и меѓу учениците.
  • За време на наставата и одморите, со учениците задолжително е присутен класниот раководител/наставник и се грижи за почитување на физичка дистанца меѓу учениците.
  • Меѓусебното споделување информации и работните состаноци во училиштето треба да се изведуваат со употреба на видеоконференциска врска.
  • Површините и предметите кои почесто се изложени на допир од страна на вработените во училиштето и учениците, се дезинфицираат на почетокот и на крајот на секоја смена, а најмалку два пати на ден. Училиштето изготвува листа на сите површини кои треба редовно да бидат чистени.
  • Чистењето на училниците се врши пред почетокот на наставата, за време на одморот кога учениците се во училишниот двор и по завршување на сите училишни активности, со вода и сапун/детергент и со дезинфекциско средство кое делува на вируси според упатство на производителот.
  • Употребата на тоалетите се организира на начин што ќе овозможи присуство на помал број ученици и запазена дистанца (на пример, ако тоалетот е помал, ученикот треба да чека надвор од тоалетот додека излезе ученикот кој е внатре).
  • Тоалетите треба да бидат функционални заради овозможување услови за почесто миење на рацете со проточна вода и сапун и почесто се чистат со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.
  • Холовите, скалите и останатите заеднички простории се чистат почесто, додека учениците се на настава и по завршувањето на сите училишни активности.
  • Чистењето на фискултурната сала, спортските игралишта и соблекувални и другите помошни простории, се врши веднаш по користењето од страна на секоја група ученици.
  • Училиштата воведуваат систем за еднонасочно движење на учениците низ просториите и ограничување на бројот на лица кои истовремено се присутни во соблекувалните и контролирано излегување и влегување во соблекувалните.
  • Просториите задолжително се проветруваат после секој наставен час, најмалку половина час пред пристигнување и по заминувањето на учениците.
  • За време на наставата во училницата, доколку дозволуваат временските услови, се остава отворен прозорец. Во училницата (доколку ги има) се избегнува употребата на уреди за климатизација и вентилација.
  • Директорот на основното училиште треба да определи лица од вработените кои на одредени места ќе бидат во улога на контролори и вооедно ќе можат да помогнат на оние ученици кои имаат прашања и им е потребна поддршка да ги разберат мерките за нивна заштита.
  • Учениците доаѓаат и одат сами на училиште, во придружба на родител/старател/образовен/личен асистент, со организиран или јавен превоз. Превозниците кои вршат превоз на ученици ги почитуваат и применуваат протоколите за превоз на патници.
  • Пренесувањето на информациите и состаноците со родителите/старателите се одвива преку телефон или преку некоја онлајн апликација која што ќе ја договорат родителите и наставниците.
  • Учениците носат оброк/храна од дома или доколку е можно за организација, оброкот што го обезбедува училиштето треба да биде соодветно спакуван или готов производ, притоа водејки сметка за стандардите и нормативите за исхрана за оваа категорија на деца.
  • Учениците оброкот го консумираат во училницата во која реализираат настава и само тогаш им е дозволено да ја отстранат маската/прекривката од лице во училница.
  • Учениците ги мијат рацете пред и по јадење, пред и по употреба на тоалет, пред и по доаѓање од надвор и кога рацете изгледаат валкани.
  • Користењето на спортската сала, библиотеката и други простории треба да биде од група ученици од иста паралелка, така што да нема можност за мешање на повеќе ученици од различни паралелки (пр. За време на еден наставен час, една паралелка е во фискултурната сала, а две паралелки се надвор во училишниот двор или на спортските терени).
  • Преминувањето низ заедничките простории треба да се организира така што додека учениците и наставниците од една паралелка поминуваат во исто време, учениците и наставниците од другите паралелки го чекаат својот ред, притоа укажувајќи им на учениците да не допираат површини или предмети во просторот каде се движат.
  • Треба да се избегнува влегување на други лица (на пример, за чистење, поправка или внесување храна) во училниците сè додека учениците се наоѓаат во нив, како и влегување во училишната зграда на лица кои не се вработени во училиштето или деца кои не се ученици на тоа училиште.
  • Испораките за потребите на училиштата ја преземаат надлежните, вработени во училиштата од споредниот влез на училиштето (доколку има таков влез училиштето), а главниот влез е дозволен само на сервисерите и другите служби чии услуги се неопходни (пр. спроведување на превентивни и анти-епидемични мерки како што се проверка на вода за потрошувачка, безбедност на храна и др.) со задолжително почитување на мерката за дезинфекција на рацете и доколку е потребно носење заштитна маска/прекривка и заштитници за обувките.
  • Доколку во училиштето се појави заболен од КОВИД-19 или лице кое имало контакт со лице заболено од КОВИД-19, лицето треба да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка, а директорот треба да воспостави комуникација со Центарот за јавно здравје за добивање на понатамошни насоки за постапување. За преземените активности училиштето доставува извештај до општината, а општината до Министерството за образование и наука.
  • Ако ученик развие симптоми на КОВИД-19 додека е во училиште, наставникот/стручниот соработник го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка и веднаш ги известува родителите/старателите, кои во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот.
  • Доколку се потврди дека ученик е заболен од КОВИД – 19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје која итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале.

Напомена: Заради специфичната дејност на државните основни училишта (училишта со ресурсен центар, училишта со ресурсен центар и интернатско сместување, државното музичко и балетско училиште), во барањето за настава со физичко присуство во училиште доставуваат План со дополнителни мерки за заштита од КОВИД – 19.

За Систем Администратор

Провери

Мултикултурни работилници по повод Патрониот празник

Денес, 20.12.2021 ( понеделник) по повод одбележување на Партониот празник на ООУ ,,Даме Груев” , …

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.