Дома / Соопштенија / ПЛАН ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА НАСТАВАТА ВО ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ВО УЧЕБНАТА 2020/2021 ГОДИНА

ПЛАН ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА НАСТАВАТА ВО ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ВО УЧЕБНАТА 2020/2021 ГОДИНА

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Одлуката на Министерството за образование и наука (МОН) за повторно отворање на училиштата во учебната 2020/2021 година го зема предвид фактот дека училиштето е од суштинско значење за образованието и благосостојбата на децата и учениците.

За донесување на одлука за повторно отворање на училиштата се направи општа проценка на ризиците, при што се земаа во предвид епидемиолошките фактори, образовниот систем, здравствениот систем и капацитетот на јавното здравство, ангажманот на заедницата и државниот капацитет за одржување на социјална и економска поддршка на најранливите.

Планот на Министерството за образование и наука (МОН) за започнување на учебната 2020/2021 година се базира на потребата да се добијат максимални придобивки за учениците, наставниците и вработените во училиштата и пошироката заедница, а воедно да не дојде до ширење на КОВИД-19 во нашата држава, имајќи предвид дека едно од основните човекови права покрај образованието е и правото на здравје.

Овој план ги објаснува чекорите кои треба да ги преземат основните и средните училишта за да ги обезбедат потребните мерки за заштита и со тоа да го намалат ризикот од ширење на корона вирусот (КОВИД-19).

Планот за одржување на наставата во учебната 2020/2021 година и Протоколот обезбедуваат рамка за училиштата за начинот на започнување и продолжување на образовниот процес во основното и средното образование. Во овој период училиштата ќе треба да ги прилагодат условите за реализирање на наставата согласно Планот и Протоколот со цел обезбедување непречен воспитно-образовен процес.

  1. ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ

Во основните училишта во учебната 2020/2021 година воспитно-образовниот процес се реализира согласно Календарот за организација и работа на училиштата, според скратена наставна програма согласно Наставниот план за учебната 2020/2021 година, во група до 20 ученици (во училница со стандардна големина) и физичка дистанца меѓу учениците од најмалку 1.5 метри, како и со задолжително почитување на Протоколот за настава со физичко присуство.

Наставата во основното образование може да се реализира со физичко присуство на учениците во училиште или со учење на далечина.

Наставниот час трае 30 минути во наставата со физичко присуство или 30 минути час со 5 минути приклучување за наставата со учење на далечина.

Зависно од бројот на часови по наставен план, се препорачува спојување на часовите по одредени наставни предмети (блок часови), со присуство на еден предметен наставник, со цел да се оптимизира престојот на наставникот и учениците во просторијата.

Наставниците кои биле вклучени во дневен или продолжен престој во претходната учебна година, се распоредуваат да реализираат настава во паралелките со физичко присуство.

Секое училиште води евиденција на дневна основа за присуство на наставниците.

Реализацијата на наставата, отсуствата на учениците се евидентира во е-дневник и во дневникот на паралелката.

Наставниците во училиштето доаѓаат најмалку половина час пред отпочнување на наставата и учествуваат во организирањето и спроведувањето на влегувањето на учениците согласно распоредот на часови и Протоколот.

Основните училишта согласно просторните можности ја организираат наставата во смени.

Доколку основното училиште работи во две смени, во прва смена се вклучуваат учениците од прво до трето, односно од прво до петто одделение, а во втора смена се вклучуваат учениците од шесто до деветто одделение.

Секое училиште за пристигнувањето, за заминувањето на паралелките во и од училиштетo, за смените, користењето на големиот одмор како и за учење од далечина изготвува распоред.

Училиштата го прилагодуваат и усогласуваат Куќниот ред на училиштето со Планот и Протоколот за настава со физичко присуство.

  1. Настава за учениците од првиот период на основното образование (од прво до трето одделение)

За учениците од прво до трето одделение наставата се реализира со физичко присуство во просториите на училиштето, со максимално искористување на просторните и кадровските капацитети во училиштето и со задолжителна примена на сите заштитни епидемиолошки мерки утврдени во Протоколот за настава со физичко присуство и со согласност од родителите/старателите на учениците.

Доколку родителот/старателот, сака неговото дете наставата да ја следи со учење од далечина, поднесува изјава до училиштето дека ученикот ќе следи настава со учење од далечина и ќе биде редовно присутен на наставата со учење од далечина, согласно распоредот за часови на паралелката.

За учениците чии родители/старатели поднеле изјава до училиштето за следење на наставата со учење на далечина, училиштето за тие учениците организира учење на далечина.

Во паралелките во кои има ученици кои следат настава со учење на далечина, наставникот согласно условите, можностите и специфичностите на наставната единица во рамките на одреден наставен предмет може:

  • додека го држи часот да ги вклучи и учениците кои следат настава од далечина (за што треба претходно да ги извести),
  • да го сними реализираниот наставен час и да го испрати на учениците кои следат настава од далечина,
  • да изготви печатени материјали кои ги преземаат родителите во соработка со наставникот/класниот раководител/образовниот асистент,
  • да одржи час само за учениците кои следат настава од далечина,

Во паралелките во кои настава ќе се реализира со физичко присуство и каде бројот на ученици е над 20 ученици и не може да се обезбеди физичка дистанца од најмалку 1.5 метри (во училница со стандардна големина), паралелката се дели на две групи и наставата наставникот ја реализира во смени со двете групи поединечно.

Учениците од пониските одделенија на основното образование треба почесто да се потсетуваат на мерките за заштита согласно Протоколот за настава со физичко присуство, со оглед на фактот дека сега се запознаваат и воведуваат во почитување на редовните училишни правила. Треба да им се нагласи дека не треба да ги споделуваат своите работи (моливи, гумички и сл.) согласно околностите и дека другарството може да го изразат на други начини прифатливи за сегашната ситуација, пример преку меѓусебно потсетување да ги почитуваат правилата за заштита и правилата во училница и со други соодветни креативни активности преку кои ќе се работи на развивање на чувството на емпатија.

  1. Одмор за време на наставата со физичко присуство

Малиот одмор се користи во траење од 5 минути меѓу часовите и голем одмор во траење од 15 до 20 минути, кој е под задолжителен надзор на класниот раководител/наставник. За време на одморите задолжително се почитува физичката дистанца и мерките за заштита согласно Протоколот за настава со физичко присуство, и потребно е да се намали колку што е можно повеќе физичкиот контакт меѓу учениците.

1.2. Настава за учениците од вториот и третиот период на основно образование (од четврто до деветто одделение)

Наставата за учениците од четврто до деветто одделение во основното образование се реализира со учење на далечина и со физичко присуство.

1.2.1. Учење на далечина

Наставата со учење на далечина, наставниците ја реализираат од училница во училиштето со користење на националната платформа од точка 3 од овој План, освен за наставниците од точка 5 на овој План.

Директорот на училиштето се грижи за целосна покриеност со интернет конеција во сите училници во училиштето. Во исклучителен случај кога во училиштето нема добра интернет конекција и истата не може да се обезбеди, наставникот часовите може да ги одржува и од дома, по претходно добиена писмена согласност од страна на директорот на училиштето.

При настава со учење на далечина работниот ден на ученикот трае од 3 до 5 саати дневно, во зависност од возраста на учениците и одмор од 10 (десет) минути по секој наставен час или активност.

1.2.2. Настава со физичко присуство

Само училиштата кои ги исполнуваат условите во Протоколот за настава со физичко присуство и Планот, може да побараат од основачот/министерството да достави барање за согласност од Владата да реализираат настава со физичко присуство и за учениците од четврто до деветто одделение.

За реализација на наставата со физичко присуство во училиште за учениците од четврто до деветто одделение, основачот односно Министерството за училиштата чиј основач е Владата, бара согласност од Владата, на начин и постапка утврдена во точка 6 од овој План.

За учениците од четврто до деветто одделение во училиштата во кои наставата се реализира со одобрение за физичко присуство, училиштето максимално ги искористува просторните и кадровските капацитети во училиштето и го применува Протоколот за настава со физичко присуство.

Учениците во наставата со физичко присуство се вклучуваат со согласност од родителот/старателот.

Доколку родителот/старателот не сака неговото дете наставата да ја следи со физичко присуство, поднесува изјава до училиштето дека ученикот ќе следи настава со учење од далечина и ќе биде редовно присутен на наставата со учење од далечина, согласно распоредот за часови на паралелката.

За учениците чии родители/старатели поднеле изјава до училиштето за следење на наставата со учење на далечина, училиштето за тие учениците организира учење на далечина.

Во паралелките во кои има ученици кои следат настава со учење на далечина, наставникот согласно условите, можностите и специфичностите на наставната единица во рамките на одреден наставен предмет може:

  • додека го држи часот да ги вклучи и учениците кои следат настава од далечина (за што треба претходно да ги извести),
  • да го сними реализираниот наставен час и да го испрати на учениците кои следат настава од далечина,
  • да изготви печатени материјали кои ги преземаат родителите во соработка со наставникот/класниот раководител/образовниот асистент,
  • да одржи час само за учениците кои следат настава од далечина

1.2.3. Ученици со попреченост во општинските основни училишта

Учениците со попреченост во паралелките од прво до трето одделение треба да бидат вклучени во наставата во училиштата и да им се обезбеди поддршка од страна на наставниците и стручните соработници (специјален едукатор, психолог, педагог и сл.) односно инклузивниот тим. ИОП-от што го изработува инклузивниот тим за учениците со посебни образовни потреби треба да се прилагоди на начинот на реализација на наставата во училиштето за тие ученици.

Родителите/старателите на учениците со попреченост, имаат право да одлучат дали нивните деца ќе следат настава со физичко присуство во училиште или ќе следат настава со учење од далечина – од дома.

Учениците со попреченост кои имаат поддршка од образовен или личен асистент, продолжуваат со поддршката на образовниот процес на учениците во училиштето или во домот на ученикот и треба да бидат во постојана комуникација и координација со инклузивниот тим во училиштето и родителите.

Образовниот асистент начинот на поддршката на образовниот процес на ученикот ја договара во директна соработка со родителот/старателот.

Образовниот или личниот асистент кој се вклучува во паралелката, се придржува на Протоколот за настава со физичко присуство, поттикнува физичка дистанца помеѓу ученик-ученик и наставник-ученик и помага во одржување на хигиената на ученикот.

Училиштата кои имаат асистивна технологија, ја ставаат на располагање на учениците кои имаат потреба од неа и во домашни услови.

  1. Ученици со респираторни, хронични, ретки болести и/или други болести во општинските основни училишта

Учениците кои имаат потврда од матичен лекар/педијатар дека поради својата здравствена состојба не треба да посетуваат настава со физичко присуство следат настава со учење од далечина.

Родителот/старателот до училиштето доставува медицинска документација и потврда од матичен лекар.

  1. Настава во комбинирани паралелки

Основните училишта кои имаат комбинирани паралелки од прво до петто одделение, може да реализираат настава со физичко присуство на учениците доколку имаат просторни услови, согласност од родителите/старателите, ги исполнуваат условите во Протоколот и добијат согласност од Владата, во утврдената постапка од точка 6 на овој План.

  1. Настава во државните основни училишта

Државните училишта (основните училишта со ресурсен центар, основните училишта со ресурсен центар и интернатско сместување, основните музички и балетски училишта), чиј основач е Владата, може да реализираат настава со физичко присуство со почитување на заштитните епидемиолошки мерки во протоколот за настава со физичко присуство и со учење на далечина.

Доколку овие училишта имаат просторни услови, согласност од родителите/старателите и ги исполнуваат условите во Протоколот, потребно е да добијат согласност од Владата за настава со физичко присуство , во утврдената постапка од точка 6 на овој План.

Родителите на учениците со попреченост, учениците со попреченост сместени во интернат во училиштата со ресурсни центри, имаат право да одлучат дали нивните деца ќе следат настава со физичко присуство во училиште, дали ќе бидат интернатски сместени во училиштето или ќе следат настава со учење од далечина – од дома.

2. СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ

Наставата за учениците од средно образование се реализира со учење на далечина и со физичко присуство.

Само училиштата кои ги исполнуваат условите во Протоколот за настава со физичко присуство и Планот, може да побараат од основачот/министерството да достави барање за согласност од Владата да реализираат настава со физичко присуство и за учениците од средно образование.

Средните училишта покрај редовната настава за општо образовните предмети, ја организираат и наставата за стручните предмети (за стручно образование, уметничко образование, спортска акдемија и спортска гимназија), индивидуалната настава, практичната настава во училиште и во компанија, учењето преку работа кај работодавач, феријалната практика, ја организираат со физичко присуство согласно усвоените Протоколи.

Во средните училишта во учебната 2020/2021 година воспитно-образовниот процес се реализира согласно Календарот за организација на учебната 2020/2021 година, според скратени наставни планови и програграми, во група до 20 ученици (во училница со стандардна големина) и физичка дистанца меѓу учениците од најмалку 1.5 метри, како и со задолжително почитување на Протоколот за настава со физичко присуство.

2.1. Организација на воспитно – образовниот процес со физичко присуство

Средните училишта согласно просторните можности ја организираат наставата во една или две смени.

Доколку средното училиште работи во две смени, во прва смена се вклучуваат учениците од прва и втора година, а во втора смена се вклучуваат учениците од трета и четврта година.

Секое училиште за пристигнувањето, за заминувањето на паралелките во и од училиштете, за смените, користењето на големиот одмор како и за учење од далечина изготвува распоред.

Наставниците во средното училиште доаѓаат во 7.00 часот за прва смена, односно 13.00 часот за втора смена,за да го организираат влегувањето на учениците согласно распоредот на училиштето.

Половина од паралелките во прва смена пристигнуваат во училиштето најдоцна до 7.15 часот, а втората половина најдоцна до 7.30 часот. Во втората смена првата половина од паралелките пристигнува најдоцна до 13.15 часот, а втората половина најдоцна до 13.30 часот.

Наставата започнува за прва смена во 7.30 часот, односно во 13.30 часот за втора смена.

Учениците од една паралелка треба да престојуваат во една просторија, да се одбегнува кабинетска настава.

Зависно од бројот на часови по наставен план, се препорачува спојување на часовите по одредени наставни предмети (блок часови), со присуство на еден предметен наставник, со цел да се оптимизира престојот на наставникот и учениците во просторијата.

Времетраењето на наставниот час е 35 минути. После секој наставен час се користи мал одмор во траење од 5 минути, а после вториот и третиот наставен час голем одмор во траење од 15 минутикој е под надзор на класниот и предметниот наставник.

Секоја паралелка може да искористи само еден големиот одмор (15 минути) за излегување надвор од училницата согласно распоредот на училиштето.

За време на одморите треба да се почитуваат протоколите за физичка дистанца и мерките за заштита, да се намали колку што е можно повеќе физичкиот контакт, во училиштата во кои е возможно да се воведе еднонасочно движење по ходниците заради избегнување на мешање помеѓу учениците од другите паралелки.

Наставниците за време на одморите да го сведат на минимум физичкото присуство во наставничката канцеларија.

Да се одржува физичката дистанца меѓу наставник и наставник/друг вработен во училиштето наставник и ученик и наставник и родител/старател на ученикот согласно протоколите.

Задолжително е носење на заштитна маска/прекривка на лицето од страна на учениците и вработените за време на престој во училиштето, освен кога се на отворено во училишниот двор и доколку е возможно одржување на препорачаната дистанца.

Секое училиште води евиденција на дневна основа за присуство на наставниците и на учениците.

Училиштата го прилагодуваат и усогласуваат Куќниот ред на училиштето со Планот и Протоколот за настава со физичко присуство.

2.1.1. Ученици со респираторни, хронични, ретки болести и/или други болести во општинските основни училишта

Учениците кои имаат потврда од матичен лекар/педијатар дека поради својата здравствена состојба не треба да посетуваат настава со физичко присуство следат настава со учење од далечина.

Родителот/старателот до училиштето доставува медицинска документација и потврда од матичен лекар.

2.2. Настава со учење од далечина

Училиштето кое согласно епидемиолошката состојба во општината/регионот и кое не ги исполнува условите за реализирање на наставата со физичко присуство во училиштето согласно Протоколот, ја реализира наставата со учење од далечина.

За наставата со учење од далечина се употребува националната платформа за учење на далечина опишана во точка 3 на овој План.

Наставата на далечина се реализира според однапред изготвен распоред на часови, а наставниот час трае 35 минути и 5 минути за приклучување.

Распоредот на часовите задолжително се објавува на веб-страната на училиштето, на националната платформа и се доставува по електронски пат до Државниот просветен инспекторат.

Наставата со учење на далечина, наставниците ја реализираат од училница во училиштето со користење на националната платформа од точка 3 од овој План, освен за наставниците од точка 5 на овој План.

Директорот на училиштето се грижи за целосна покриеност со интернет конекција во сите училници во училиштето. Во случај на немање добра интернет конекција во училиштето наставникот часот може да го одржи и од дома по претходно добиена согласност од страна на директорот на училиштето.

Предметниот наставник на барање на директорот му доставува линк за приклучување на електронската интерактивна платформа за учење на далечина за да ја следи работата на наставникот во текот на наставниот час.

При реализацијата на наставата по стручните предмети, како и практичната настава во средното стручно образование потребно е да се почитуваат практичните совети кои се дел од Насоките за реализација на наставата на далечина во стручното образование и обука. (http://csoo.edu.mk/izvestuvanje/upatstvo-za-dalechsko-uchenje/) .

Начинот на реализацијата на практичната обука/практичното образование (УПР, феријалната практика и практичната настава) е опишан во Насоките за реализација на практична обука и учење преку работа за време на пандемија предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 (http://www.csoo.edu.mk/).

Организирањето на наставата преку учење од далечина може да се однесува на одреден период (пократок или подолг во зависност од епидемиолошката состојба), па дури и доколку состојбата го налага тоа и во текот на целата наставна година.

2.3. Реализација на наставата

Наставникот согласно условите, можностите и специфичностите на наставната единица во рамки на одреден наставен предмет за време на реализацијата на наставниот час во училница, може:

  • да ги вклучи и учениците кои се дома (за што треба претходно да ги извести);
  • да го сними реализираниот наставен час и да го испрати на учениците кои се дома;
  • да одржи час само за учениците кои се дома;
  • да им испрати на учениците соодветен видео час.

Предметниот наставник води евиденција за реализацијата на наставниот час и за редовноста на секој ученик и истите ги евидентира во дневникот за работа на паралелката и во е-дневникот.

За учениците кои од оправдани причини, со приложен доказ или изјава од родител/старател, не се во можност да ја следат наставата со физичко присуство во училиштето, училиштето организира настава на далечина за тие ученици.

Учениците кои имаат потврда од матичен лекар/педијатар дека поради својата здравствена состојба не треба да посетуваат настава со физичко присуство следат настава со учење од далечина.

Родителот/старателот до училиштето доставува медицинска документација и потврда од матичен лекар.

2.3.1 Настава во државните средни училишта за ученици со посебни образовни потреби

Во државните средни училишта за ученици со посебни образовни потреби, покрај препораките за физичка дистанца и одржување на личната хигиена, се применуваат и посебните планови изготвени од страна на секое училиште и одобрени од страна на Владата на Република Северна Македонија. Наставниот час наставникот го реализира по ИОП изготвен според способностите и можностите научениците. Наставникот со секој ученик работи индивидуално согласно однапред изготвен распоред. 

Образовниот или личниот асистент се вклучува во паралелката, при што ги почитува препораките за физичка дистанца и одржување на личната хигиена, поттикнува физичка дистанца помеѓу учениците и учениците и наставниците и помага во одржување на целокупната хигиена.

2.3.2. Настава во средните училишта за уметничко образование, спортска гимназија или спортска академија

Во средните училишта во кои се реализира настава за уметничко образование, спортска гимназија или спортска академија, наставата по општо образовните предмети се реализира со учење од далечина. Наставата по стручните предмети за соодветниот вид на образование се реализира согласно Протоколот за постапување на средните училишта во Република Северна Mакедонија за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година и индивидуалните протоколи на секое училиште. Во Спортската академија наставата по стручните предмети ќе се реализира согласно протоколите одобрени од Владата на Република Северна Македонија изготвени од академијата во соработка со националните федерации по соодветниот спорт.

2.3.3 Настава во дуално образование

Во училиштата кои имаат паралелки во кои се одвива дуално образование, практичниот дел од наставата, во компаниите, се одвива со физичко присуство на работно место, со почитување на општите протоколи за заштита и на протоколите на компаниите каде се изведува практичната настава.

2.3.4. Стручно образование и настава преку феријална парктика и учење преку работа

Феријалната практика и учењето преку работа кај работодавач се реализира со физичко присуство во компанија/ работодавач согласно Упатството за феријална практика донесено од страна на Центарот за стручно образование и обука.

Средните училишта во кои се реализира стручно образование и обука, практичната настава ја реализираат со физичко присуство на учениците во училиштето во кабинети, училишни работилници, лаборатории и други посебни простории за оваа намена.

Средните стручни училишта за успешна реализација на феријалната практика и практичната настава, ги почитуват сите безбедносни протоколи, како и Протоколот за постапување на средните училишта во кои се реализира стручно образование и обука во Република Северна Mакедонија за спроведување на практичната настава со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година, Општиот Протокол за превентивни мерки при реализација на учење преку работа, феријалната практика, практична обука и вежби на учениците кај работодавач, како и Протоколите за превентивни мерки при реализација на учење преку работа, феријалната практика, практична обука и вежби на учениците кај работодавач во секторот машинство, секторот земјоделие, рибарство и ветерина, секторот хемија и технологија и секторот лични услуги.

3. НАЦИОНАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА УЧЕЊЕ НА ДАЛЕЧИНА ЗА ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА

За учениците кои ќе се приклучуваат на настава на далечина, наставниците ja употребуваат националната платформа за учење на далечина која овозможува двонасочна интеракција и комуникација на наставникот и ученикот.

Во текот на учебната година се поддржува соработката помеѓу наставниците за меѓусебно споделување на материјали и задачи. Споделувањето на материјалите до кој би имале пристап сите наставници е преку снимање на видео лекции согласно наставната програма прикачени на националната платформаили ЕДУИНО.

Националната платформа за учење на далечина ќе овозможи организација на содржините во форма на е-Училници. Секоја е-Училница е поврзана со соодветен наставник и ученици, при што наставникот има можност да:

  • поставува содржини (документи, презентации)
  • поврзува надворешни содржини од ЕДУИНО
  • испраќа соопштенија до учениците
  • врши двонасочна комуникација со користење на форуми
  • дефинира активности кои треба да ги сработат учениците
  • дава повратни информации на испратените домашни задачи од учениците
  • одржува on-line настава со помош на Microsoft Teams
  • креира и одржува тестови
  • креирање на е-Лекции

Националната платформа овозможува изведување на online тестови, кои ќе можат да бидат базирани на банки со прашања. Банките со прашања на почеток ќе бидат локални за секој предмет, со можност да се споделуваат во иднина. Банките на прашања може да содржат прашања од следните видови:

  • Есејски прашања
  • Кратки одговори
  • Избор на еден точен одговор
  • Избор на повеќе точни одговори
  • Пополнување на празни делови од реченици
  • Математички прашања, чиј одговор е едноставна формула
  • и друг видови на прашања кои ќе се овозможат доколку тоа е потребно.

Националната платформа ќе овозможи детално следење на активностите на наставниците и учениците, по што ќе можат да се изработат извештаи.

4. ПРОВЕРКА (ВАЛИДАЦИЈА) НА ЗНАЕЊАТА НА УЧЕНИЦИТЕ ВО ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА

Проверката (валидацијата) на знаењата на учениците се реализира со физичко присуство во училиште, на секое тромесечие по однапред утвреден распоред на паралелки, број на ученици во паралелка и времетраење на проверката, за што Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука ќе подготват посебно упатство за спроведување на проверката на знаењата на учениците.

Училиштето изготвува распоред за проверка на знаењата на учениците најдоцна 2 недели пред предвидените термини и истиот го објавува на веб страната на училиштето и на националната платформа за учење на далечина.

По завршување на процесот на проверка на знаењата на учениците, класниот раководител по електронски пат го известува родителот за постигнатиот успех на неговото дете, утврден на класен и наставнички совет.

Доколку ученикот кој следи настава со учење на далечина не се вклучи на настава повеќе од пет дена, наставникот со стручната служба во училиштето реализира посета на ученикот во неговиот дом и спроведува разговор со родителот за неопходноста од задолжително и редовно следење на наставата.

За извршената посета и разговор со родителот/старателот се составува белешка.

За нередовно присуство на наставата се применуваат педагошките мерки утврдени во Законот за основното образование и Законот за средното образование.

Ученикот кој не можел да биде оценет поради отсуство од најмалку една третина од фондот на наставни часови од одредени предмети, има право да полага одделенски испит/ испит на година по предметите по кои не е оценет, согласно Законот за основното образование/ законот за средното образование.

5. НАСТАВНИЦИ СО ХРОНИЧНА И/ИЛИ РЕТКА БОЛЕСТ

Наставниците со хронични и ретки болести  (ХОББ – Хронична опструктивна белодробна болест – J44, Астма – J45, Интестицијална фиброза – Ј84, Срцева слабост со EF<40, Акутен миокарден инфаркт до 3 месеци, Срцеви заболувања со тешка пулмонална хипертензија, Тешка аортна и митрална стеноза, Воспалителни заболувања на срце (миокардит, ендокардит) < 6 месеци, Инплантиран пејсмејкер или срцев дивајс до 3 месеци, Длабока венска тромбоза до 3 месеци, Диајабетес тип I, Диајабетес тип II на инсулинска терапија со коморбидитети: Миокарден инфаркт, церброваскуларен инсулт, стеноза на периферна циркулација и ХБИ, Сите малигни заболувања – C00-C97, Состојба по трансплантација на бубрег – Z94., Хроничен нефротичен синдром – N04, Интермитентна хемодијализа – Z99.2, Состојби со биолошка или комбинирана имуномодулирана терапија – M05, M06, M45.00, Некротизирачки васкулопатии, системски еритематозен лупус, дерматополимиозит, системска склероза – M31-M34), се ослободени од физичко присуство во училиштето и наставата ја реализираат од дома.

Барањето за реализирање на наставата од дома, наставникот го доставува до директорот, со прилог медицинска документација и потврда од матичниот лекар.

Директорот за барањето на наставникот одлучува во рок од три дена од денот на добивање на барањето.

6. ПОСТАПКА ЗА ОДОБРУВАЊЕ НА НАСТАВА СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО ЗА ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА

Општинското основно, односно средното училиште барањето за настава со физичко присуство (за учениците од четврто до деветто одделение и за учениците во подрачните училишта во комбинирани паралелки од прво до петто одделение) со образложение за исполнетоста на условите и критериумите од Планот и Протоколот, го доставува до основачот, а иститот најдоцна до 10ти во тековниот месец го проследува до Комисијата формирана од Владата за разгледување на поднесени барања за организирање на настава со физичко присуство.

Државните училишта (основните училишта со ресурсен центар, основните училишта со ресурсен центар и интернатско сместување, основните музички и балетски училишта, средните уметнички училишта, спортската академија, спортска гимназија и средните училишта за ученици со посебни образовни потреби), чиј основач е Владата, заради специфичната воспитно-образовна дејност која ја вршат, начинот на реализирање на наставата го утврдуваат со предлог План и Протокол кој е во согласност со Протоколот за настава со физичко присуство и го доставуваат до Министерството, а истото најдоцна до 10ти во тековниот месец го доставува до Комисијата формирана од Владата за разгледување на поднесени барања за организирање на настава со физичко присуство.

Комисија во рок од 7 (седум) дена врз основа на исполнетоста на критериумите и условите, согласно протоколите за соодветниот вид на училиште, доставува предлог до Владата за давање согласност за организирање на наставата со физичко присуство на учениците во училиштето.

  1. УЧЕНИЦИ КОИ НЕМААТ ИКТ/СМАРТФОН ИЛИ ИНТЕРНЕТ

За учениците кои немаат пристап до ИКТ или интернет, училиштето организира настава со физичко присуство во училиште, со согласност од родителите/старателите и исклучива согласност од Владата во утврдената постапка од точка 6 од овој План.

Доколку родителите не се согласуваат наставата да биде со физичко присуство, училиштето изготвува печатени материјали кои ги преземаат родителите во соработка со наставникот/класниот раководител/образовниот асистент. Покрај ова во интерес на децата, училиштето во договор со родителите договараат најбезбеден начин за давање и преземање на учебните материјали, домашните задачи и други училишни обврски за учениците.

  1. НАДЗОР ЗА ПРИМЕНАТА НА ПЛАНОТ И ПРОТОКОЛИТЕ

Следењето на реализацијата на наставниот процес согласно Планот и Протоколите (со физичко присуство на учениците и учење од далечина), го врши Државниот просветен инспекторат согласно своите надлежности преку редовен и вонреден надзор, а надзор на примената на Протоколите за одржување на наставата со физичко присуство во учебната 2020/2021 година вршат Државниот просветен инспекторат и Државниот санитарен инспекторат согласно нивните надлежности.

За Систем Администратор

Провери

Мултикултурни работилници по повод Патрониот празник

Денес, 20.12.2021 ( понеделник) по повод одбележување на Партониот празник на ООУ ,,Даме Груев” , …

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.